Градот Скопје ја продолжува пролетната акција за зазеленување на јавните површини – ќе се засадат повеќе од 2.000 садници

Градот Скопје ја продолжува пролетната акција за зазеленување на јавните површини во која е планирано да се засадат повеќе од 2.000 садници. Денеска, пред објектот на Македонска пошта, на булеварот ВМРО, ќе се засадат 16 дрвја од видот јавор.

Градоначалникот Шилегов кој присуствуваше на денешната акција за засадување дрвја објасни дека во 2013 година, според истражувањето на состојбата на зеленилото во Мал ринг, зеленилото во овој дел од Скопје е намалено за 50% како резултат на градењето врз зелени површини во рамките на проектот „Скопје 2014“.

- Земавме обврска пред граѓаните да го вратиме загубеното зеленило коешто  претходната власт го уништуваше каде ќе стигне, додека ние се бориме за секој сантиметар слободен простор за ново зеленило. На оваа локација ќе се засадат 16 висококвалитетни садници од видот јавор, кои ќе бидат наводнувани со систем капка по капка. Овој дрворед ќе биде опремен дополнително со 16 подни тротоарски дренажни решетки. По завршувањето на пролетната акција, продолжуваме наесен, со засадување нови 8.000 дрвја, со што Скопје оваа година ќе добие повеќе од 10.000 нови висококвалитетни садници – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Шилегов потсети дека дрвјата што ќе ги засадува Град Скопје наскоро ќе ги добијат имињата на новородените деца во градот, како дел од проектот „Дрво за секое дете“ и дека градската администрација ќе продолжи со обновување на загубеното зеленило во сите општини во градот.           

Примарна цел на Град Скопје за жителите на главниот град е да се обезбедат повеќе чисти зелени површини, што ќе претставуваат трајна придобивка која директно влијае на здравјето на граѓаните.