Почна постапката за враќање на евтината тарифа на струјата за граѓаните

До петок Регулаторната комисија треба да ја информира Владата како ќе ja врати евтината струја за домаќинставата, информира ТВ24.

Регулаторот заедно со претставници на ЕВН Македонија, Министерството за економија и кабинетот на заменик претседателот Анѓушев треба да направат и измени на тарифниот систем за продажаба на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.

Владата очекува сите процедури да завршат во најбрз можен рок и од октомври граѓаните да можат да користат евтина струја во текот на дневните часови.

ЕВН Македонија ќе го прифати предлогот за евтина тарифа, но за возврат очекува Владата да ја плати загубата што компанијата ќе ја има со новиот начин на работа. Но Владата засега не планира да дава никаква финансиска помош.

За враќањето на евтината тарифа,  не е предвидено субвеницонирање на енергетските компании. Ќе се користат резервите од недомаќинското работење  на енергетските компании, особено од ЕЛЕМ за да се пренасочат за граѓаните да можат да  го почуствуваат бенефитот од евтината тарифа, велат од Владата.

Анѓушев најави дека домаќинствата ќе имаат евтина струја два часа во денот, вклучително и сабота. Претходно, пред пет години, евтина струја имаше три часа. Од 13 до шеснаесет часот, секој ден.

Европската енергетска заедница ѝ препорача на Македонија евтината тарифа за струјата да ја воведе само за социјалните категории и за временски период од две години. Но Владата сега тврди дека ги усогласила ставовите со енергетската заедница околу европските стандарди, па евтина струја ќе имаме се до влезот на Македонија во Европската унија.