Почна акција за дислокација на дивите пазарџии кај Зелен пазар

Надлежните служби на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, во координација со СВР Скопје и инспекторите на Општина Центар започнаа акција за расчистување и дислокација на дивите пазарџии и нелегално поставените тезги околу Зелен пазар.

Од ЈП ПОЦ велат дека акцијата се спроведува по барање на жителите од околните објекти. „Оваа акција е со цел да се расчисти метежот на паркиралиштето и да се заштити загрозената безбедност на движење, како и да се спречи опасноста по здравјето на жителите, купувачите и продавачите заради продажбата на производи во нехигиенски услови“, велат од ЈП ПОЦ.

Од таму велат дека, за да се зголеми безбедноста на граѓаните која е загрозена од страна на дивите тезгаџии кои преноќуваат во влезовите од околните згради и хигиената која е нарушена од отпадот и сметот кој го оставаат по затворањето на пазарите, оваа акција ќе се спроведува редовно и ќе се санкционираат и дислоцираат дивите пазарџии и нелегално поставените тезги околу Зелен пазар.