По воведувањето субвенции за 47 отсто зголемен бројот на исчистени оџаци во Скопје

По воведувањето субвенции од Град Скопје за чистење оџаци, од 24 септември до денеска, согласно официјалните податоци на регистрираните оџачари, исчистени се вкупно 342 оџаци во главниот град. Споредено со истиот период во 2017 година, кога биле исчистени 233 оџаци, бројот на исчистени оџаци на територијата на Град Скопје годинава е зголемен за 47 отсто.

Субвенциите за чистење оџаци се една од 27-те нови интервентни мерки со кои градската администрација годинава се справува со проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздух. Град Скопје оваа есен субвенционира 2.000 домаќинства и други субјекти за чистење оџаци. Износот на субвенцијата е 1.000 денари, независно од вредноста на услугата за чистење. За оваа намена во буџетот на Градот се одвоени два милиони денари.

Јавниот повик за субвенции на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци е отворен до 22 овој месец и се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Во Скопје има само осум регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број на домаќинства во Скопје се грејат на дрва.

Според некои неофицијални податоци, во Скопје има над 60.000 оџаци кои многу ретко се чистат, а согласно тврдењата на експертите во оваа област неисчистените оџаци загадуваат најмалку двојно повеќе во споредба со исчистените.

Препорачливо е оџаците да се чистат три пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога таа е завршена.