По 10.000 денари награда од општина Карпош за лeкарите кои вршеа офталмолошки прегледи за првачињата

Со мнозинство гласови, советниците од Општина Карпош на вчера одржаната седница го поддржаа предлогот на градоначалникот Стевчо Јакимовски, според кој локалната самоуправа во знак на благодарност еднократно ќе им исплати по 10.000 денари на 11 здравствени работници од ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“.

Станува збор за еден доктор, четири доктори специјалисти и шест медицински сестри кои беа ангажирани при извршување на офталмолошките прегледи на дечињата на возраст од пет до шест години, кои се запишуваа во прво одделение во општинските основни училишта.

- Имено, поради недостаток на термини за офталмолошки прегледи во здравствениот систем, со цел да се помогне на родителите, Општина Карпош склучи Меморандум за соработка со Јавната здравствена установа „Здравствен дом Скопје“. Со Меморандумот беа овозможени офталмолошки прегледи, без обврска претходно да се закаже термин. Прегледите беа реализирани од 24 до 28 април од 14 до 18 часот попладне, како и на 29 април (сабота), од 8 наутро до 14 часот попладне, каде што медицинскиот персонал за краток временски период реализираше преку 428 прегледи, притоа работејќи и надвор од пропишаното работно време, велат од општина Карпош.