Платите растат, невработеноста се намалува: Работниците во Македонија стануваат се поскапи

Платите растат, невработеноста се намалува, полека се зголемува и активното население, а продуктивноста на трудот останува стандардно ниска и во пад.

Анализа на Народна банка на Македонија што се базира на податоците на Државниот завод за статистика покажува дека работниците во Македонија стануваат се поскапи.

– На страната на понудата продолжи годишниот раст на активното население, што започна во последниот квартал од 2016 година. Сепак, показателите за конкурентноста и понатаму упатуваат на неповолни поместувања, коишто иако се поумерени, сепак и натаму упатуваат на намалена продуктивност на трудот и зголемени трошоци за труд по единица производ, констатираат аналитичарите на НБРМ.

Нивните пресметки покажуваат дека продуктивноста на трудот и понатаму е во пад, но тој е поумерен од порано. Во вториот квартал од годинава, за кога се расположивите податоци, продуктивноста на трудот на македонските работници паднала само за 0,3 проценти.

– Во услови на солиден раст на додадената вредност, но при истовремено натамошен раст и на вработеноста, продуктивноста на трудот се намали за 0,3 проценти, што претставува значително забавување на падот, имајќи го предвид годишниот пад од 4,4 отсто во првиот квартал на 2018 година, се наведува во најновито квартале извештај на Народната банка.

Во извештајот се додава дека секторски анализирано, подобрените изгледи кај пазарот на труд, гледани преку значителното забавување на падот кај продуктивноста на трудот, во најголема мера се должи на значително понискиот пад во услужниот сектор. Поради зголемените плати и намалениот пад на продуктивноста во тој сектор помалку пораснале и трошоците за труд по единица производ. Тој раст изнесувал 6,1 проценти, наспроти 9,9 проценти во првиот квартал на 2018 година.

– Притоа, во најголем дел намалувањето на растот кај трошоците за труд по единица производ се објаснува со понискиот раст на трошоците за труд по единица производ во индустријата и во услужниот сектор, при истовремен умерен придонес од секторот земјоделство, стои во извештајот.

Во анализираниот период НБРМ нотира и раст на активното население, односно на бројот на лица кои работат или бараат работа. Вкупното активно население во вториот квартал е зголемено за 0,2 отсто на годишна основа, со што стапката на активност е покачена на 56,9 проценти.