Пиштоли, пушки, војнички ножеви, муниција се продаваaт преку Фејсбук

Пиштоли, пушки, војнички ножеви, муниција, оптички нишани и не само воздушни, гасни и т.н. плашливци, туку и вистински револвери, сачмарки, карабини, ловечки пушки и боеви куршуми можат да се најдат огласени на македонските купи-продај огласи.

Неретко вакви и слични огласи може да се најдат и на социјалните мрежи.

Неодамна скопјанец на својот фејсбук-профил објави дека продава пиштол “Смит и Венсон”со калибар од 9 милиметри набавен од Америка. Заедно со огласот има и фотографија од пиштолот склопен и расклопен.

На фејсбук-страниците и во интернет огласите покрај пиштоли може да се најдат и огласи за различни видови на пушки чија цена се движи од стотина, па се до илјадници евра.

Криминолозите велат дека достапноста на оружјето на интернет е загрижувачко и дека зачестиле случаите во кои се почесто на продажба се нуди и нелегалното оружје. Но, од МВР ја смируваат топката. Оттаму велат дека оружјето може да се продаде само на физички, односно правни лица кои поседуваат одобрение за набавување на оружје, издадено согласно закон, односно на правно лице овластено да врши промет со оружје, делови за оружје и муниција.

Продажба на оружје меѓу физички, односно правни лица се врши со договор склучен во писмена форма, заверен од нотар, што содржи: име, презиме, датум на раѓање, единствен матичен број на граѓанинот, број на лична карта или пасош, живеалиште и адреса на станот на договорните страни односно податоци за правните лица; вид, марка, фабрички број и калибар на оружјето; податоци за производителот, податоци содржани во одобрението, односно дозволата и место и датум на склучување на договорот.

Како што појасуваат од таму физичките односно правните лица кои купиле оружје, се должни во рок од осум дена од денот на склучувањето на договорот за купопродажба, да го пријави купеното оружје заради пробни испукувања до надлежниот орган, доколку од оружјето не е извршено пробно испукување.

Доколку од оружјето кое е купено е извршено пробно испукување, физичките, односно правните лица кои купиле оружје должни се во рок од осум дена да поднесат барање за регистрирање на оружјето и да го достават договорот до надлежниот орган.

Пред купувањето на оружјето, физичкото, односно правното лице доставува примерок од одобрението до продавачот на оружјето.

Според МВР од страна на Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал се проверуваат лицата кои нудат на продажба оружје на веб страници, дали имаат дозвола за таков вид на оружје.
Досега се откриени неколку вакви случаи на продажба на муниција на веб страници, при што биле поднесени повеќе кривични пријави.

Од извршените проверки на веб страниците било утврдено дека често нелегално се продаваат пиштоли за светлосна и звучна сигнализација кои спаѓаат во категорија Ц во Законот за оружје и истото може да се набавува врз основа на одобрение издадено под олеснителни услови:

 Според досегашните податоци секој десетти грѓанин во Македонија поседува дозвола за оружје, но и натаму загрижува состојбата со нелегалното оружје кое лесно е достапно на црниот пазар.

Засега нема официјална статистика колку парчиња нелегално оружје е достапно до граѓаните. Но, самиот податок дека земјава беше во воен конфликт каде што борците на ОНА предадоа само дел од своето тешко воено оружје и натаму зборува за фактот дека Македонија тежи од нелегално оружје, пред се од голем калибар.