Петиција: Вработените од Беверли Хилс си го бараат назад паркингот околу трговскиот

Вработените од Беверли Хилс си го бараат назад паркингот околу трговскиот, што присилно им беше одземен. Тие до градоначалникот на Општина Центар доставија петиција со 136 потписи. Бараат да им се врати одземениот паркинг и на мирен начин да се реши проблемот со паркинг просторот околу трговскиот центар. Велат дека стопанисуваат со него врз основа на проект уште од 1993 година, пренесува Сител.

“Во проектот постои и паркинг просторот и куќарката за наплата и тоа дури две постојат, една е изградена. Го доставивме до надлежниот инспектор што беше во посета кај нас во јули месец и кажа дека тој е невалиден.
Доколку не не прими а и ако дојдат да не уриваат повторно ќе биде премногу лошо за самиот трговски центар, а и околината, од аспект што таму кајнас има жива вода, бунари. Ако се исклучи струјата, трговскиот ќе биде во вода до горе, нема кој да го чисти, ќе мора да ги отпуштиме ние вработените. Таму е направена калкулацијата на паркинг просторот од 10 денари за да се покријат исклучиво трошоците на трговскиот центар”, вели Драги Савески, претседател на Управен Одбор на ТЦ Беверли Хилс.

Паркинг просторот по имотен лист се води на Република Македонија.

Градоначалникот на Центар не попушта, со паркингот ќе стопанисува неговата општина.

“Тука ни се случува дека имаме некој му текнало, морам така да се изразам, да си основа фирма и од денеска да се бави со паркирање без да има право да го прави тоа бидејќи не е негово земјиштето. Сега, еве земете вие ставете тука рампа и почнете да наплаќате паркинг. И вас ќе ве срушиме. Така да тие тврдења и тие работи дека е започната приватизација или не е завршена..додека не се откупи имотот тие не можат така да постапуваат”, изјави Саша Богдановиќ, градоначаник на Општина центар.

Вработените од трговскиот вчера застанаа самите во одбрана на паркинг просторот и своето работно место.  Присутни беа и дваесетина полицајци, а по повеќечасовна расправија беа исечени рампите од паркингот на Беверли Хилс.