Петиција против учеството на Васил на Евровизија - социјалните мрежи „горат“ од поделени ставови

По низата скандали, македонската јавност веќе гласно бара од МРТВ да го повлече учеството на Васил Гарванлиев од годинашното издание на Евровизија, а веќе има активни најмалку две петиции за таа цел. 

Организаторите и потписниците на петициите се согласни дека претставникот треба да биде променет, но и да се размисли дали навистина сакаме да учествуваме како држава на овој фестивал. Потсетуваме, македонската јавност најпрво реагираше на кадар со делото „Триптих“ на авторката Жанета Вангели, каде боите се распоредени како на бугарското знаме, а потоа и на јавното признание дека Гарванлиев има и бугарско државјанство. 

Сето ова се случува во исклучително чувствителен период за билатералните односи меѓу Македонија и соседната земја, а многумина сметаат дека во овој момент навистина не ни треба претставник кој покрај Македонец, се декларира и како Бугарин. 

На социјалните мрежи ставовите по ова прашање се буквално поделени - едни сметаат дека ако Васил нè претставува, тоа е срам за Македонија, додека пак други сметаат дека треба да се фокусираме на уметноста и талентот на пејачот, бидејќи ниту е прв, ниту единствен со двојно државјанство и во Македонија, но и воопшто на Евровизија.