Пет позитивни работи кои можеме да ги извлечеме од пандемијата...

Постојано читаме лоши вести поврзани со пандемијата на новиот коронавирус. Секој ден сме бомбардирани со лоши вести, бројки за заболени, смртни случаеви и слични вести кои едноставно влијаат на нас и дополнително ни го зголемуваат стресот. Денес одлучивме да наведеме пет позитивни работи кои можеме да ги извлечеме од пандемијата и кои за миг ќе направат да заборавиме на сите лоши новости.

Намалување на загаденоста

Поради намаленото патување (авиони, возови, па и автомобили и други превозни средства), како и фактот дека голем број на фабрики и индустрија ги затворија своите погони, забележано е значително намалување на загаденоста насекаде низ светот, па и кај нас. Воздухот е почист и полесно се дише.

Каналите и реките се прочистија

Видовме многу слики од Венеција кои беа направени за време на задолжителниот карантин и сите искусија нешто што никогаш го немаа искусено дотогаш: сликата на каналите во Венеција со чиста и бистра сина вода. Но, не е ова само случај со Венеција, во голем дел од туристичките места погодени од коронавирусот, кои се наоѓаат во близина на реки или мориња, забележано е дека водата е значително почиста поради тоа што нема бродови, гужви и луѓе.

Сѐ почесто гледаме љубезни и хумани гестови

Да, вакви моменти знаат да го вадат најлошото од нас, но истовремено го вадат и најдоброто. Соседите си помагаат едни на други, кај нас видовме и како група ентузијасти изработува визири и им ги подарува на здравствените работници и уште еден куп други прекрасни примери за човековиот дух и оптимизам и желбата да си подадеме рака во најтешките моменти.

Поголема обединетост

Кој ќе ги заборави видеата од маалата низ Италија, кога луѓето излегуваа на тераси за да се бодрат? Или како насекаде низ светот луѓето излегуваа на тераси за да ракоплескаат во знак на поддршка за здравствените работници? Светот моментално сочувствува и дише како едно, луѓето се обединети и наоѓаат заедничка надеж дека овој кошмар побрзо ќе заврши.

Зголемување на креативноста

Видовме како работните состаноци, предавањата, емисиите се одржуваат онлајн, бевме сведоци на музички настапи на познатите ѕвезди од своите домови, онлајн програми за вежбање, голем дел од светските музеи, театри, библиотеки  и други културни институции ги отворија своите виртуелни врати за сите луѓе ширум светот. Луѓето наоѓаат најразлични креативни начини да ги пополнат своето време и затоа гледаме многу креативни потфати.