Пет години по референдумот, според Заев тоа било важен ден кога македонските граѓани во голем број дале поддршка за Договорот од Преспа

На денешен ден 30. септември во 2018 година се одржа референдум со прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Одлуката на референдумот не беше усвоена, поради тоа што не гласаа повеќе од половината граѓани запишани на избирачкиот список.

Владината коалиција тогаш предводена од Зоран Заев го поддржа референдумот. Многумина функционери, амбасадори и ЕУ водачи дадоа поддршка за референдумот.

Токму на оваа тема на социјалните мрежи, утрово се огласи поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев кој напиша дека 30 септември 2018 година е важен ден во современиот развој на Северна Македонија,  денот кога македонските граѓани од сите етникуми во огромен број излегоа да дадат поддршка на историскиот Договор од Преспа.

„Иако опозицијата го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излеговме масовно, гласавме и потоа заедно со нашите сојузници успеавме да ја внесеме земјата во НАТО, а денес веќе сме во почетната фаза од преговорите со ЕУ. Во меѓувреме, односите со Грција доживеа историски пресврт и денес на наша страна имаме уште еден сосед, силен сојузник од редовите на ЕУ и НАТО.“ истакна Заев во статусот.

Тој нагласи дека пет години после референдумот за нашиот историски исчекор напред, исправени сме пред нови комплексни предизвици и додаде дека новата влада успеала да најде компромисно решение со Бугарија претставено во европскиот предлог и во нашата преговарачка рамка, а дел од тоа решение содржи и наши обврски за кои е неопходен натпартиски мнозински договор.

„И кога веќе сите партии демонстрираат одлучност за членство на Северна Македонија во ЕУ, време е за нов македонски успех. Во тоа име повикувам на одговорност и на постапки со кои ќе ги обезбедиме сите услови и ќе го искористиме поволниот геополитички момент за наше членство во Унијата најдоцна до 2030 година“, завршува поранешниот премиер Заев во својата фејсбук објава.