Пендаровски: Очекувам да влезам во вториот круг и да ги добијам изборите

Со отворање на централниот изборен штаб во центарот на Скопје од денеска почнува изборната кампања на кандидатот за претседател – Стево Пендаровски. До првиот круг на гласање предвидено е Пендаровски да посети над 60 населени места во земјата.

Во изјава за медиумите кандидатот за претседател Стево Пендаровски истакна дека иако зад себе има петгодишен мандат и македонските граѓани многу добро знаат за што се залагал како претседател, за што бил против и знаат што може да очекуваат и во следните пет години, Пендаровски рече дека сака со граѓаните да ги сподели своите ставови за прашањата со специфична политичка динамика.

„Јас мислам дека контекстот изминативе 5 години малку се има изменето, и регионалниот и внатрешниот, се разбира и меѓународниот со војната во Украина и дека би требало да ги кажам и нивелирани моите ставови за некои прашања што имаат посебна специфична политичка динамика. Очекувам дека во првиот круг, бидејќи има многу кандидати како никогаш до сега во македонската историја, гласовите ќе се поделат на повеќе страни и не очекувам дека некој има каква било шанса да добие во првиот круг. Меѓутоа, во вториот круг очекувам да влезам и да ги добијам изборите на крајот“, додаде Пендаровски.

Изборниот штаб на кандидатот за претседател Стево Пендаровски се наоѓа на улицата Никола Вапцаров, односно во близина на плоштадот Македонија. Во него граѓаните секојдневно ќе може да се информираат за програмата за работа на Пендаровски во следните 5 години, за изборниот карван, како и за сите други прашања од нивен интерес, се наведува во соопштението.