Патник од превртениот автобус кај Лесковац: Се враќаме дома со траума што никогаш нема да ја заборавиме

,,Им благодариме на сите коишто ни помогнаа кога најмногу ни требаше. Се враќаме дома со траума што нема да ја заборавиме цел живот, но исто така ќе се сетиме и многу добри луѓе од Србија кои покажаа голема хуманост и самопожртвуваност”, вели во изјава за српски ,,Новости” еден од повредените патници од автобусот, кој во неделата наутро излета од  автопатот кај Лесковац.

Според српските медиуми македонските граѓани успешно се опоравуваат во болниците во Ниш и Лесковац и не се загрозени.  Во сообраќајна несреќа на автобус со македонски регистарски таблички кој се движел од Битола кон Виена, загинаа тројца, а повредени се 32 патници.

Сите пациенти, кои се наоѓаат во одделенијата на Клинички центар во Ниш и Општата болница во Лесковац, успешно се опоравуваат. Од Лесковац, четири лица во неделата ги напуштија своите домови со приватни возила. Во вечерните часови истиот ден, транспорт беше организиран за уште 14 патници привремено сместени  од страна на локалната самоуправа во еден од хотелите во Лесковац. Останаа осум пациенти за лекување.

Во меѓувреме во Ниш се испратени двајца мажи на лекување. ,,За едниот постои сомневање дека му е повредена слезината, а другиот има повреда на вратниот ‘рбет “,  вели д-р Небојша Димитријевиќ, директор на Општата болница во Лесковац.

,,Сите наши пациенти успешно се опоравуваат и не се во опасност. До крајот на оваа недела тие, најверојатно, ќе бидат испратени на болничко лекување во Скопје. Транспортот ќе го организира  македонското Министерство за здравство”, додава тој.

Во неделата вечер министерот Венко Филипче ги посети повредените лица во Ниш и Лесковац. Тој им се заблагодари на сите служби кои учествуваа во обезбедувањето помош на македонските граѓани. Во Ниш, се третираат шест пациенти со сериозни повреди, и во двата случаи може да има потреба за се хируршка интервенција.

Пациентите се сместени во Одделот за анестезија и интензивно лекување на Клиничкиот центар во Ниш и таму ќе останат се до подобрување на нивната здравствена состојба. Еден од повредените, Ремзи Демир од Штип, вели дека се чувствува малку подобро, но дека не може да поверува што се случи со него.

,,Имам повреди на градите и клучните коски. Заспав по границата, кога го слушнав пискотот. Погледнав и го видов автобусот како оди лево-десно. Го зграпчив седиштето и автобусот потоа се преврте. Мојата рака остана под моето седиште. Некако  едвај успеав да излезам “, изјави Демиров.”

Како се случи оваа тешка сообраќајна несреќа, се уште е претпоставка. Се претпоставува дека возачот на автобусот не ја прилагодил брзината на условите на патот и затоа ја изгубил контролата на возилото. Во времето на несреќата, околу два часа по полноќ, во Лесковац паѓал снег, на кој му претходел дожд и  имало поледица. Според неофицијални информации, на предлог на судија за претходната постапка, изречена е мерка за задржување на возачот на автобусот

,,Еден од возачите има  скршеница на левата нога, но се опоравува во нашата болница и не е во животна опасност”, вели д-р Небојша Димитријевиќ.