Патник во авион кој во неделата летал од Лондон – Лутон за Скопје ја нарече стујардесата глупава кучка оти помислил дека му дала сендвич со свинска шунка. Инцидентот настанал во авион на нискобуџетниот превозник „Визер“ во кој кабинскиот екипаж е од Македонија, објави лондонскиот весник „Мирор“.

„Јас работам во ресторани, знам што е свинска шунка. Ова има вкус на свинско, не на мисиркино. Треба да им кажете да луѓето дека служите сендвичи со свинско месо. Јас сум муслиман“, ѝ вели патникот на стујардесата.

И покрај обидите стујардесата да му објасни дека не е во право и му нуди да му ги врати парите, патникот вели „Ти си глупава кучка, Е**на ку**о“.

Потоа и останатите членови на екипажот се обидуваат да му објаснат на патникот дека шунката не е од свиња туку од мисирка и дека сендвичите не се правени во Македонија туку во Унгарија, каде што е седиштето на компанијата. Но, тој и понатаму не ги прифаќа нивните објаснувања велејќи ѝ на стујардесата дека не е љубезна. На видеото се слуша дека стјуардесата со колегата стјуард се договараат на македонски јазик како да му објаснат на патникот дека шунката е од мисирка и се убедуваат која е разликата меѓу шунка и салама.

На крајот на видеото се гледа како стујардесата му ги враќа парите за сендвичот на патникот. Тој лут ја враќа и водата.

Извор: СДК