Паричници и телефони се крадат во автобусите на ЈСП - најмногу пријави има во вторник и во петок

Паричници и телефони се крадат од чантите на патниците во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници. Но, најмногу пријави во полициските станици во Скопје има во вторник и во петок, кога поради бесплатниот превоз за пензионери, автобусите се преполни, пишува СДК

Крадците ја користат гужвата и незабележливо од чантите на патниците крадат паричници, телефони и други вредни предмети.

„Па денеска е петок, не ни е чудно што ве ограбиле. Изминативе неколку години секој вторник и петок кога се денови за бесплатно возење на пензионери, граѓани доаѓаат да пријават кражба во автобус“, ни рекоа во полициската станица Карпош, минатиот петок кога отидовме да пријавиме кражба на паричник во автобус на линијата 22 на ЈСП „Скопје“.

Полицаецот кој го правеше записникот ни раскажа дека од 12 до 14 часот се најголем број од пријавените грабежи и нè посоветува да не вадиме веднаш нови лични документи бидејќи најчесто паричниците без пари ги наоѓаат граѓани во корпи за отпадоци или контејнери.

„Сме имале случаи каде им ги сечат ташните и ги крадат паричници или телефони. Без проблем ги отвораат патентите од чантите. Ги земаат само парите, а паричникот го фрлаат во најблиската корпа или контејнер, веднаш штом се симнат од автобусот. Граѓани или луѓето од „Комунална хигиена“ кои го собираат ѓубрето ги носат паричниците во полициските станици“, ни рече полицаецот.

Во полициските станици ограбените граѓани оставаат лични податоци, кажуваат колку пари им биле украдени и податоци за документите кои им биле паричникот. Но, разрешница на случаите речиси и да нема. Никој досега не добил повик дека лицето кое ги ограбило е фатено и приведено.

Од Министерството за внатрешни работи не знаат колку кражби во автобус се пријавени досега, бидејќи во Кривичниот законик не било регулирано кривично дело ситна кражба, туку постои дело кражба. Ниту пак во официјалната статистика што ја прават имаат посебни категории за кражба во автобус или на улици и во парк, туку сите пријави од граѓани било да е во дом, автомобил, автобус се регистрираат под кривично дело кражба.

„Од јануари до октомври оваа година регистрирани се 2.237 кражби. За истиот период лани бројката на кражби била 2.206. Министерството за внатрешни работи и понатаму ќе презема мерки и активности за целосно расчистување на овој вид на кривични дела како и откривање на нивните сторители“, велат од МВР, но не одговорија на нашето прашање колку сторители досега се фатени и санкционирани.