Пансионите за чување на домашни миленици преполни во лето

Од 300 до 500 денари дневно чини сместувањето на вашиот миленик во пансион. За дел од граѓаните сумата е превисока, но кога нема каде, а време е за одмори, граѓаните ги оставаат милениците на чување. Сопствениците на пансионите велат дека најполно е во лето.

Сопствениците на домашни миленици секоја година ја имаат истата мака, а тоа е каде да ги остават милениците додека се на годишен одмор. Тие најпрвин ја бираат најевтината варијанта, а тоа е во пресрет да им излезе некој пријател или роднина кој би прифатил да го чува миленикот додека тие се некаде на плажа, но такви се потешко се наоѓаат. Во тој случај следува втората варијанта - да му платите на некого да ви го чува миленикот. Во градот има неколку приватни пансиони за чување на животни, а вклучуваат шетање на кучето, играње со него, хранење, но со храна која вие ќе си ја донесете. Сето тоа чини од 300 до 500 денари на ден, во зависност од расата на кучето.

Kучињата се чуваат во посебни соби, односно боксови, се шетаат, си играат со нив, а доколку некои од кучињата се нетрпеливи, се разделуваат. Најмногу гужва има во месеците јули и август, кога најмногу се користат годишните одмори и за новогодишните празници.

Граѓаните за ваквата услуга имаат поделено мислење. Некои велат дека услугата е многу скапа, додека за другите пансионите за кучиња се вистинско олеснување кога одат на одмор.

За разлика од грижата за кучињата, која се наплаќа од 300 до 500 денари, чувањето птици е многу поевтино. Само 50 денари од ден чини некој да ви ја причува птицата, но повторно останува вие да си ја набавите храната. Згрижувачите на птици велат дека птиците се многу поевтини за чување и со многу помалку обврски, поради што се и поевтини.