Отворен е Конкурсот за студентски домови за 2022/2023 година

Распишан е Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за студиската 2022/2023 година.

На располање се вкупно 4.834 легла, односно слободни места за студенти во студентските домови, а од нив 1.165 се предвидени за студенти од прва година.

Според објавените слободни места, најголем број легла се достапни во во Студентскиот дом „Гоце Делчев“,односно вкупно 1.186, од кои 237 се предвидени за студентите од прва година. Контрасно на ова, најмалку слободни легла има во Студентскиот дом „Томе Стефановски Сениќ“, каде слободни се само 370 легла од кои за студентите во прва година предвидени се само 74.

Право на прием во Студенски дом имаат редовните студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, а кои се запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година, осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.

Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.

Рокот за пријавување на студентите од втора година и повисоките години почнува од денес (18 јули) и трае до 5 август 2022 година. Рокот за пријавување на студентите од прва година почнува од 5 септември 2022 година и трае до 16 септември 2022 година.