Основци од Радишани му одржаа час на градоначалникот какво еко-живеалиште возрасните мора да им остават на децата

Најмладите основци од скопското О.У. ”Ацо Шопов” од Радишани го седнаа во клупа градоначалникот на општина Бутел и му одржаа час какво еко-живеалиште возрасните мора да им остават во наследство на децата.

 Го ставија пред табла, за да им каже што научил од лекцијата “зошто здравата пивка вода не е прашање на компромиси, туку на обврска на градските авторитети кон заедницата”.

– Децата имаат моќ да не засрамат нас возрасните и со право да бараат да сме еколошки будни и одговорни. Можеме многу да научиме од нив. Од нивната искреност и некалкулантство. Само треба да се ослободиме од суетата и од личниот филм за недопирливост. Им го должиме тоа. Под итно – вели Велимир Смилевски, градоначалник на Бутел, општина со 36.154 жители, населени во пет населби и четири рурални подрачја.

Отворениот училиштен час на кој децата го славеа светскиот ден на здравата вода, од наставничкиот тим е осмислен како модул за практицирање на нивните усвоени знаења за еко-опкружувањето и за своите права за достоинствен живот без загадување и урбан смет. Но, и како иновативен одговор, како ученикот може да научи, а притоа да си игра и многу да се забавува.

– Ова е само еден пример со кој покажуваме дека сме подготвени да инвестираме во освестени и окуражени млади личности. Мисијата на нашето училиште е да му бидеме ”ветер во грб” на ученикот, да го инспирираме неговиот критички дух за со аргументи да не поправа нас, возрасните кога грешиме. И, да менторираме. А не од позиција на моќ наставник- ученик, да создаваме социјални “зомби” без став за нештата, изгубени во “преводот” – гласно размислува директорката на ОУ”Ацо Шопов”, Лепосава Дохчева.