Општина Центар ќе субвенционира купување велосипед

Трета сезона по ред, Општина Центар ќе ги субвенционира оние кои ќе купат велосипед. Секој полнолетен жител на Општина Центар ќе може да го оствари правото на субвенција од страна на општината во висина од 30% од вредноста на велосипедот. Акцијата која ќе започне од мај е во рамките на проектот „Цел Центар на точак“ со кој е планирано да бидат опфатени околу 1000 Центарци.

Она што граѓаните ќе треба да го приложат за да аплицираат за да добијат парична помош се: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка со сметкоподтврда или фактура за купен велосипед.

Барањата и документацијата се доставуваат во архивата на Општина Центар. Успешноста на проектот е евидентна во изминатите две сезони кога беа спонзорирани 860, односно 1 100 граѓани. Правото на остварување на субвенција е еднократно, а висината на надоместокот е 30%, но не повеќе од 3000 денари. Средствата кои општината ги издвои за оваа намена, оваа сезона се очекува да ги покријат трошоците на околу 1000 граѓани.