Општина Аеродром со апел: Граѓаните да не поставуваат штетни материи на јавни површини

Од вчера попладне на социјалните мрежи се појавија информации дека на јавните површини во Општина Аеродром се расфрла отров, со кој се загрозува животот како на животните, така и на луѓето, што предизвика голема вознемиреност и бурни реакции кај жителите.

Општина Аеродром, уште еднаш, како и во повеќе наврати досега, апелира до граѓаните да не поставуваат штетни материи на јавни површини. Уште еднаш потенцираме дека ваквите материи претставуваат опасност за домашните миленици, бездомните животни и децата што си играат во парковите.

Доколку најдете супстанција за која сметате дека е опасна, пријавете директно во полициската станица „Аеродром“ на телефонскиот број 02/2432-362. Исклучително е важно да не допирате ништо и да не ја напуштате локацијата сѐ додека не дојде претставник од полициската станица.