Општина Аеродром бара начин да ја спречи изградбата на деветкатница пред Мајчин дом

Градење на деветкатница на плацот пред Мајчин дом е спротивно на заложбите на сегашното општинско раководство.

Во Опшината досега не е пристигнато барање за одобрение за градба, ниту какво било барање во однос на конкретната парцела и согласно тоа не постои проектна документација за објектот, се вели во соопштението на Општина Аеродром.

Со ДУП И10, изгласан од претходното раководство во април 2017 година, парцелата пред Мајчин Дом се наменува од зона Д1 – парковко зеленило во зона за станбено домување А2. Како што објаснуваат од општината, во тој период имало голем број реакции од јавноста во однос ДУП И10 и сегашниот градоначалник јавно говорел против носење на одлуката парцелата да се претвори во градежна.

„И покрај големите заложби против ваквото решение, претходното раководство го донесе ДУП И10, кој е веќе стапен на сила. Парцелата пред Мајчин Дом е во приватна сопственост. Според деталниот урбанистички план, тука се предвидува иградба на објект П+8+ПК/П+8, односно приземје, плус осум ката и поткровје, а во дел приземје со 8 ката.Општина Аеродром во моментов ги разгледува сите правни механизми и бара начин да ја спречи градбата на плацот пред Мајчин дом“, се додава во соопштението.