Од денеска брзи-ковид тестови за основците, родителите треба да дадат согласност

Во основните училишта денеска почнува скринингот кој ќе покаже каква е трансмисијата на Ковид-19 меѓу учениците. Скринингот се спроведува поради зголемениот број новозаболени ученици. Во средните училишта, состојбата е стабилна, но ќе се следи.

Скринингот ќе го спроведат тимови од здравствени работници кои согласно методологијата што е утврдена ќе ги соберат податоците, кои ќе бидат доставени на анализа во Институтот за јавно здравје и епидемиолошките служби, со цел да се добие реална слика за тоа како се пренесува вирусот во основните училишта.

– Комисијата донесе заклучок внимателно да се следи и анализира состојбата во училиштата и доколку се утврди какво било зголемување на бројките помеѓу учениците во однос на новозаразени да се направат скрининг тестирања во училиштата со цел да се утврди реалната состојба и опасноста за поширока трансмисија на вирусот помеѓу учениците. Започнуваме со скрининг во основните училишта каде бројката на новозаразени е зголемена. Во средните училиште таква состојба нема. Таму се следи епидемиолошката состојба и согласно извештаите од Институтот за јавно здравје е стабилна. Меѓутоа, загрижувачките бројки кои ги добивме од основните училишта беа аларм да иницираме и да аплицираме еден ваков скрининг што ќе ни покаже каква е трансмисијата во основните училишта, рече вчера на прес-конференција портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.

Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски рече дека скринингот ќе се одвива во училиштата, а децата чии родителите дале согласност ќе бидат тестирани со брз тест во училиштата и нема да има потреба да ги носат во центрите за јавно здравје како што првично било планирано.

– На овој начин сакаме да им олесниме пристап до тестовите и тоа да биде со минимум компликации по нив, додаде Петличковски.