Од 300 до 650 евра казни за родителите чии деца не се вакцинирани

Директорката на ДСЗИ Рената Младеновска на денешната прес-конференција истакна дека и покрај најголемото достигнување во медицината, вакцинацијата, се соочуваме со голем јавно здравствен проблем во 21 век и ги актуелизираме заразните болести.

„Вчера се одржа состанокот на Комисијата за заразни болести во кој се даде препорака ДСЗИ да врши вонредни инспекциски надзори во предучилишните установи се со цел да забрани прием на деца коишто не се вакцинирани со дитепер , да го зголемиме опсегот на вакцинацијата на истата вакцина, по прогласена епидемија на пертусис на територијата на Скопје“, рече Младеновска.

Како што објасни таа, од стартот на епидемијата, контрола на вакциналниот статус на децата врши Министерството за труд и социјална политика и при упис на детето се проверува статусот на дететот.

„ДСЗИ нема надлежност да проверува вакцинален статус на децата при редовните надзори. Надлежноста е да ги санкционира родителите коишто не ги однеле своите деца на редовна вакцинација. Ги повикуваме и казнуваме родителите, глобите се движат од 300 до 650 евра во денарска противвредност. ДСЗИ ќе врши вонредни инспекциски надзори и ќе забрани прием на деца коишто не се вакцинирани со ДиТеПер вакцина, тогаш кога препораката на Комисијата за заразни болести стане прифатена и се донесе одлука, на ДСЗИ му се наложи да ги врши овие вонредни инспекциски надзори во предучилишните установи“, изјави Младеновска.

Како што соопшти, директорката на ДСЗИ, за март се предвидени редовни инспекциски контроли во сите вакцинални пунктови, ќе се проверува опрема, простор, дали имаат антишок терапија, дали водат уредно евиденција и документација за секое дете.

По еден месец откако е прогласена епидемија, од ДСЗИ велат дека редовно од вакциналните пунктови се испраќани податоците на децата и родителите и имаат казнето многу.

„Дел од родителните ја плаќаат казната, но со тоа не сме го решиле проблемот, детето сепак останува невакцинирано. Има родители кои не сакаат да ја платат казната и завршуваат на суд“, одговори Младеновска.

Таа додаде дека МТСП и понатаму ќе врши теренска активност, а од Државниот санитарен и здравствен инспекторат го чекаат налогот од Министерот за здравство, кој треба да даде одговор дали ги прифаќа препораките на Комисијата, ДСЗИ да врши инспекциски надзори.

„Исто како во 2019 година кога имавме епидемија на морбили. Согласно насоките кои ги дава Комисијата за заразни болести, министерот за здравство донесува одлука да ДСЗИ врши вонредни инспекциски надзори и издава решенија за забрана на прием на деца во градиките, за оние кои не се вакцинирани со ДиТеПер вакцината“, додаде Младеновска.