Обвинителство бара Нино Васев да биде отстранет од работното место и да му се одземе пасошот

Од страна на ОЈО Скопје донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет лица. Две службени лица, медицински и организациски директор од 2017 до 2022 година на Клиниката за радиотерапија и онкологија, како и за тројца доктори онколози, извести обвинителката Ана Гоговска-Јакимоска.

Од страна на Јавното обвинителство до Основниот кривичен суд судија на претходна постапка поднесен е предлог за определување мерки на претпазливост за медицинскиот и за организацискиот директор.

„Мерките опфаќаат забрана за напуштање на живеалиште и престојувалиште, одземање патна исправа и забрана за нејзино издавање, а за тогашниот медицински директор дополнително е побарана мерка за отстранување од работното место“, рече обвинителката.

Во текот на предистражната постапка се работело во тим од двајца јавни обвинители, биле преземени многу дејства и била прибавена обемна документација, објасни Ана Гоговска-Јакимоска.

Таа изрази благодарност до онколошките пациенти и нивните семејства и ги охрабри да ги пријавуваат сите евентуални злоупотреби на конкретната клиника.

Како што изјави обвинителката, станува збор за кривично дело измама во службата, за двајцата директори, медицинскиот и организацискиот директор, а за тројцата доктори онколози е за помагање во извршување во предметното кривично дело. За тогашниот медицински директор има и седум кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањето.