Обвинителката Стефанова побара условни за Јанкулоска и Протуѓер за „Титаник“

Откако осум од обвинетите во обемниот судски процес „Титаник“ признаа вина, обвинителката Лиле Стефанова побара условни казни за шестмина од обвинетите меѓу кои Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер и Билјана Бришковска-Бошковски, а ублажување на предвидените казни за Миле Јанакиески и Коста Митровски, објави „360Степени.“

-Како јавен обвинител исклучително го ценам чинот кои овие лица го преземаа и дадоа признание за кривичните дека кои им се ставаат на товар. Признанието само по себе е една голема олеснителна околност и сметам дека судот кога ќе ја утврдува казната да го цени признанието како олеснителна околност. Секој од присутните обвините имаат и свои и олеснителни и отежнителни околности кои судот треба да ги цени кога ќе ја носи пресудата, рече Лиле Стефанова.

Потоа, обвинителката за секој од нив поединечно ги наведе олеснителните и отежнителните околности.

-За Мартин Протуѓер како олеснителна околност покрај даденото признание на вина, судот да ја има и околност што е семеен човек, татко на три деца од кои едното се роди во текот на траењето на оваа постапка, како тоа дека е невработен, дека има медицинска документација со која покажува влошена здравствена состојба како за него така и за членови на потесното семејство. Како олеснителна околност да го има и фактот што во текот на целата оваа постапка беше присутен, имаше коректно однесување и даде признание на вина во момент кога првпат за тоа се створија услови после 4 годишно траење на постапката. Олеснителна е и тоа што не е осудуван и не се води постапка за друго кривично дело. Има и отежнителни околности, а тоа е начинот на кој се преземени дејствијата на изведување, долготракноста на дејствијата преземени во рамки на групата, рече обвинителката.

Слични олеснителни околности таа наведе и за Јанакиески и Јанкулоска, а како отежнителни ги спомена тоа што дејствијата ги извршувале додека биле министри.

-Билјана Бришковска-Бошковски денес даде исклучително впечатлива изјава од која јас како јавен обвинител, а верувам и судот ќе се убеди дека кај ова обвинето лице е постигната целта на специјалната превенција. Сметам дека има значителен придонес нејзиното признание во забрзувањето и завршувањето на постапката и покрај другите олеснителни околности како здравствена состојба и други лични прилики за ова обвинето лице судот да ги примени одредби од членот 41 и 50 и 51 од К“, рече Стефанова за поранешната заменик-министерка за правда.

Примена на законските одредби за ублажување и условување на казната обвинителката побара и за останатите обвинети Катерина Беловска, Киро Тодоровски, Мунир Пепиќ и Коста Митровски.

За повеќето од овие обвинети судскиот процес пред првостепениот суд ќе заврши со изрекување пресуда на наредното рочиште откако денеска и тие ќе дадат завршни зборови. На Јанакиески и Протуѓер ќе добијат пресуда за делата за кои признаа, но ќе продолжи да им се суди бидејќи не признаа вина само за делото злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.

Судскиот процес ќе продолжи и за експремиерот Никола Груевски, како и останатите обвинети кои не признаа вина меѓу кои се и Кирил Божиновски и Илија Димовски.