Обуки за патронажни сестри за негување на децата

Македонското здружение на медицински сестри и акушерки, со поддршка од Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) почна нова серија обуки за патронажните сестри за поддршка на семејствата при негување на емотивниот, социјалниот и интелектуалниот развој на децата во најважните години од животот.

Новата иницијатива, информираат од УНИЦЕФ, е дел од напорите за натамошно јакнење на улогата на здравствениот сектор во намалување на ризикот од напуштање на децата, намалување на насилството, запоставувањето на децата и дисфункционалното родителство.

– Од моментот на раѓањето, децата се биолошки програмирани да се свртат кон своите родители. Когнитивно-социјалниот развој на децата започнува токму преку длабокото поврзување полно со љубов со примарните старатели. Кога детето ќе доживее емотивно одбивање или кога ќе се соочи со хаос и насилство во домот, неговиот развој, самодоверба и способност да учи се исфрлени од колосек. Токму затоа е пресудна помошта што патронажните сестри кои одат во домашна посета им ја даваат на родителите за да применуваат позитивно родителство и да градат безбедна приврзаност со своите деца, рече претставникот  на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс.

Претседателот на Македонското здружение на медицински сестри и акушерки, Велка Лукиќ истакна дека патронажните сестри се првите здравствени работници кои го посетуваат семејството на новороденчето и првите кои нудат совети за грижа околу децата.

Работилниците ќе се одвиваат преку каскаден модел. Оние што ќе учествуваат во главната програма ќе го пренесат на своите колеги знаењето за невро-науката во однос на приврзувањето меѓу родителот и детето, обрасците на таквото приврзување, како и за трансгенерациските обрасци на приврзување. Се предвидува една третина од патронажните сестри да бидат обучени во текот на годинава, а останатите во 2019 година.