Обложувалниците нема да се затворат – нема затворање кое беше барано од „Антикоцкање“

Игрите на среќа нормално ќе се организираат како и до сега, само индустријата добива проширување на услугите за граѓаните по електронски пат. Претседателот на асоцијацијата на спортски обложувалници Васко Илиевски за Алсат вели дека во моментов е најбитно да се среди ситуацијата со вирусот. Со неговото заминување постепено ќе се отвораат и објектите каде ќе се организираат игрите на среќа. Од Асоцијацијата тврдат дека се за поригорозни мерки и за високи глоби за компаниите кои ќе дозволат лица под 18 години да ги користат нивните услуги.

„Апсолутно стоиме на ставот дека регулацијата на игрите на среќа е сосема коректна во однос на европските стандарди и стоиме на ставот дека има регулација во однос на малолетниците. Тоа секогаш се почитува и е добро регулирано како што е регулирано во сите европски и светски земји и стоиме на ставот дека дорегулација доколку се смета и зголемување на казни, апсолутно стоиме на ставот дека е коректно и прифатливо од наша страна“, вели Васко Илиевски претседател на Асоцијација на спортски обложувалници.

Од здружението граѓани „Антикоцкање“ се разочарани од одлуката на владата, која овозможи покрај традиционалниот начин на обложување и други видови на игри на среќа, да може сега тоа да се врши и онлајн. За Алсат изјавија дека на почетокот на годинава од Илинденска им ветиле дека постепено казината и останатите игри на среќа ќе се затвораат, а сега се носи сосема друга одлука.

„Во однос на овие одлуки ние сме апсолутно против. Нашите одлуки и ставови се многу добро познати, ние сме само за затворање на сите објекти за игри на среќа. Ако се анализира оваа ситуација со пандемијата за тоа како изгледа сега, нормално пишувавме за ова и според информациите што ги имаме, голем дел од тие што играле веќе се рехабилитирани, но изгледа Владата повторно се обидува по секоја цена да испумпа средства за да преживеат како Влада“, вели Џемал Абдиу Движење „Анти коцкање“.

Владата донесе Уредба со која им се овозможува на казината, покер апаратите и обложувалниците да нудат онлајн услуги. Досега ваква можност имаше само Државна Лотарија на Македонија. Инаку во обложувалниците работат околу осум илјади лица, а самата индустрија е една од оние кои плаќа највисоки давачки кон државата. Против работата на обложувалниците и казината беа организирани неколку протести во земјава, со образложение дека нивните објекти се во близина на образовни и верски објекти.