Објавен нов конкурс за воени пилоти

Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ денеска објавија конкурс за осум воени пилоти.

На конкурсот може да се пријават македонски државјани кои имаат завршено високо образование и не се постари од 28 години. Аплицирањето почнува денеска, а ќе трае до 26 октомври. При приемот предвид се зема успехот на кандидатите од завршеното високо образование и проверките за физичка подготвеност.

Натамошната селекција се состои од проверка на познавање на англискиот јазик, здравствени проверки и селекција на земја и во воздух која се врши во Центарот за обука на пилоти, кој претставува еден од најусовршените центри за обука на пилоти во регионот.

Конкурсот може да се најде во дневните весници во Република Македонија, како и на веб-страниците на Министерството за одбрана, www.morm.gov.mk и Воената академија, www.ma.edu.mk.

Центарот за обука на пилоти изведува обука за пилоти по најсовремени методи и во одлични услови. Обуката е поделена во три фази – основна пилотска обука за летање на авион, основна пилотска обука за летање на хеликоптер и напредна пилотска обука за летање на хеликоптер. Обуката е во времетраење од 19 месеци, по што новите пилоти добиваат „летечки знак“, звање пилот и стануваат офицери во Армијата на Република Македонија.