О2 Иницијатива: Пратениците на потег, кој е на страна на правдата, а кој ги брани моќниците

Поднесени се предлог измени за Законот за заштита на културното наследство до сите пратеници од страна на невладината О2. Причината е продолжување со изградбата на комплексот згради или т.н. 17-катница во заштитеното подрачје Споменик Воена болница- Скопје.

Во соопштението на О2 иницијатива се вели:

„Предложените измени ги регулираат недореченостите во законот, правните празнини, непредвидените ситуации на поништени одобренија и конзерваторски мислења и ја разрешуваат колизијата помеѓу различни членови на законот.

НУ Конзерваторски центар-Скопје на 21.02.2024 го поништи незаконски издаденото позитивно конзерваторско мислење од 08.11.2023, услов за издавање на одобрението за градење за т.н.17 катница кај Воена болница-Скопје.

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски, со историја на претходни кривични обвиненија, кој воедно е и кандидат за претседател на РСМ и надлежните во општината не постапуваат по службена должност и не го поништуваат одобрението за градење издадено на ЗСФ-КОМ (Фатмир Етеми) и ДЕЛТА 2015 КОНСТРАКШН (Орце Камчев).

Градоначалникот претходно бурно реагираше дека не може да има негативно конзерваторско мислење за овие згради, за потоа да се издаде незаконското позитивно мислење, потпишано од бившиот директор на НУ Конзерваторски центар-Скопје и актуелен член на Комисијата за урбанизам во општина Карпош, Константин Димитровски, кој до скоро беше во притвор како соучесник во злосторничко здружение поради уништување на културно наследство, хотелот Шар Ан во Стара чаршија.
Незаконското позитивно мислење го поништи новата в.д. директорка на НУ Конзерваторски центар-Скопје, на барање и изготвени наоди од министерството за култура, по наши претставки.

Моќниците ни владеат со државава, дали пратениците ќе ги заштитат со не носење на предложените законски измени или ќе го заштитат јавниот интерес и културното наследство и ќе ги донесат овие измени, ќе видиме до крајот на месецов кога им завршува нивниот мандат“