Новогодишни пакетчиња за дечињата кои просат на скопските улици

Влегуваме во еден убав период од годината, период исполнет со љубов и насмевки. Токму сега, секое детенце на светот ги кажува своите желби.

Некое сака нова играчка, некое да има здрави родители, да има петки на училиште, но има дечиња кои сакаат само нова облека и мали изненадувања за да барем на момент бидат среќни.

Доколку имате облека, играчки, смоки, чоколада, балони и се што може да се смести во едно убаво новогодишно пакетче, можете да го донирате и со тоа да станете дел од една убава акција која годинава ја прават група волонтери во Скопје.

– Сакаме неколку дена пред нова година, да излеземе на улица и заедно со нашиот Дедо Мраз да делиме пакетчиња на сите дечиња кои просат или немаат можност да се израдуваат на новогодишни подароци. Сакаме цел ден да бидеме во центарот на градот и да делиме подароци и насмевки со сите луѓе кои освен што сакаат да донираат, може и директно да учествуваат во оваа акција и да поминат време со нас и дел од македонските пејачи кои се дел од ова. Благодарам на Т.А. Јупитер која ни излезе во пресрет да ни помогне и токму таму да го поставиме нашиот пункт за донации. Ги повикувам сите кои имаат нешто да донираат, тоа да го направат секој работен ден од 10 до 17 часот, следниве неколку дена, изјави водителот Ване Маркоски, еден од иницијаторите на акцијата.

Акцијата нема да заврши со делењето на пакетчињата, велат органзиаторите. Допрва ќе следуваат многу убави и слатки изненадувања, а сето тоа ќе биде документирано во убави видео спотови, со кои ќе се пренесе навистина силна емоција и ќе ја разбуди хуманоста кај сите луѓе.