Прашањето дали да се носат униформи или не во Македонија предизвикува дебати години наназад. Поддржувачите велат дека на овој начин ќе се избришат класните разлики помеѓу децата, а противниците дека се гуши индивидуалноста на детето.
Униформи се носат во навистина мал број училишта кај нас и нивниот изглед варира од училиште до училиште. Ги прашавме скопјани дали се ЗА или против училишните униформи?
-Сум ЗА за носење униформа поради тоа што мислам дека ќе се избегнат одредени класни разлики кои постојат. А вака ми е стварно глупаво кога, на пример, некој во училиште оди пицнат во марка прва класа, а некој во тренерки. Вака сите ќе се еднакви во она што го носат на училиште или работно место, а исто така сметам дека секоја униформа му дава посериозен и попрофесионален тон на училиштето, вели Вале, мајка на шестооделенец.
-Мислам дека треба да има во сите училишта, гледам дека во некои општини тоа не е воведено. Ем нема да се мислиме што да облечеме, ем што многу девојчиња се облекуваат несоодветно за во училиште,ем училиштето ќе заличи на образовна институција, објаснува Марија.
-Големо ДА за униформите во школите не само за учениците туку и за професорите, посебно професорките , предлага Менче мајка на првооделенец.
-Не сум баш импресионирана од идејата. Јас сакам да си се дотерувам. Не е фудбалски терен, па сите во исто да се препознаваме, вели Магдалена ученичка од едно скопско стручно училиште.
Општина Аеродром е пионирот во воведување на бесплатни училишни униформи за сите деца во општината. Проектот има социјален карактер. Идејата е сите деца да изгледаат исто, пристојно, со цел да можат во текот на годината да се фокусираат на воспитно образовниот процес, а со тоа да имаат и подобри резултати во учењето.