Ќе се избришат класните разлики, или ќе се изгуби индивидуалноста: За или против училишните униформи?

Прашањето дали да се носат униформи или не во Македонија предизвикува дебати години наназад. Поддржувачите велат дека на овој начин ќе се избришат класните разлики помеѓу децата, а противниците дека се гуши индивидуалноста на детето.

Униформи се носат во навистина мал број училишта кај нас и нивниот изглед варира од училиште до училиште. Ги прашавме скопјани дали се ЗА или против училишните униформи?

-Сум ЗА за носење униформа поради тоа што мислам дека ќе се избегнат одредени класни разлики кои постојат. А вака ми е стварно глупаво кога, на пример, некој во училиште оди пицнат во марка прва класа, а некој во тренерки. Вака сите ќе се еднакви во она што го носат на училиште или работно место, а исто така сметам дека секоја униформа му дава посериозен и попрофесионален тон на училиштето, вели Вале, мајка на шестооделенец.

-Мислам дека треба да има во сите училишта, гледам дека во некои општини тоа не е воведено. Ем нема да се мислиме што да облечеме, ем што многу девојчиња се облекуваат несоодветно за во училиште,ем училиштето ќе заличи на образовна институција, објаснува Марија.

-Големо ДА за униформите во школите не само за учениците туку и за професорите, посебно професорките , предлага Менче мајка на првооделенец.

-Не сум баш импресионирана од идејата. Јас сакам да си се дотерувам. Не е фудбалски терен, па сите во исто да се препознаваме, вели Магдалена ученичка од едно скопско стручно училиште.

Општина Аеродром е пионирот во воведување на бесплатни училишни униформи за сите деца во општината. Проектот има социјален карактер. Идејата е сите деца да изгледаат исто, пристојно, со цел да можат во текот на годината да се фокусираат на воспитно образовниот процес, а со тоа да имаат и подобри резултати во учењето.