Отворено писмо до нељубезен келнер!

Не е проблем што ми го донесе кафето со топло, а побарав со ладно млеко – секому може да му се случи да згреши. Никогаш во животот не би ти го вратила тоа кафе, знам дека ќе треба да го платиш од твој џеб. Не е проблем ни што пола час чекам да ме услужиш, гледам дека има гужва во локалот, а газдата е толку стиснат и не сака да плати уште еден келнер.

Проблемот е што ми се обраќаш како да ми правиш услуга, како да треба да ти се извинам што решив да седнам и да испијам кафе кое секако, ќе си го платам. Види, знам дека ти е тешко и дека по цел ден си на нозе, трчкаш околу секакви луѓе кои ти довикуваат „мали, дај сметка“ и ти нарачуваат „експресо“. Те разбирам дека после пола од работниот ден последно на ум ти е да се смешкаш и да се фолираш дека ти е драго што имаш уште еден муштерија за служење. Исто така разбирам дека веројатно си завршил факултет и дека ова го работиш само поради тоа што немаш што друго.

Ама, како да ти кажам, тоа ти е работа! Значи, не ти е работа да ми стоиш над глава и да тапкаш со ногата додека го разгледувам менито и да гледаш на саат, јасно ми е дека брзаш и имаш работа. Така можеш дома, со твоите, со другарите, но тука НЕ. Ако имаш работа која бара да бидеш пријатен со луѓето, тогаш биди таков.

Далеку од тоа дека од тебе се очекува да блескаш од расположение, ама мора барем да кажеш „Добар ден, повелете!“ а не само да ми застанеш до масата и да очекуваш веднаш да ти кажам што сакам. Очекувам и да ми кажеш „повели“ кога ќе ме послужиш, па јас да ти кажам „фала“, а не да се правиш мутав со ставот „еве ти!“. Исто така кога ќе те прашам кај се наоѓа тоалетот очекувам културно како на човек да ми кажеш „таму и таму“, а не како глувонем да ми покажеш со рака накај шанкот па да се сноѓам сама. И на крај, кога барам сметка, сакам да ми го вратиш кусурот, ДО ДЕНАР!

А тогаш јас ќе одлучам дали и колку бакшиш ќе ти оставам. Ако си бил пријатен и нормален и ако ми било убаво додека сум го пиела тоа кафе, природно е дека ќе сакам да се заблагодарам и да оставам бакшиш. Го знам тоа и без да ми кажеш „НЕАМ СИТНО“ и фраерски да си заминеш од масата. Да, жал ми е што мора да работиш како коњ за плата од која не се живее, ама знам барем 10тина луѓе кои би плачеле да ја имаат твојата работа. Колку и да се правиме дека не е така, таква ни е ситуацијата.

Секој денар е важен, а твојот денар зависи само од тоа колку пријатен и љубезен ќе бидеш со луѓето кои ќе ти влезат во локалот. Па ти сега размисли!