Независни за Карпош: Во 2018 е изграден објект во заштитено подрачје во Горно Нерези

На социјалните мрежи се објави информација за изграден станбен објект во текот на 2018, во делот на заштитеното подрачје на Водно, а во рамки на општина Карпош, информираат од фејсбук групата „Независни за Карпош“. 

Тие велат дека се работи за земјиште под зграда со површина од 206 м2, со приземје од 198 м2 и прв кат од 155 м2.

-За да добиеш имотен лист за објектите, значи дека се легални, но како може да се легални кога се изградени вон општиот акт за село Горно Нерези, на заштитено подрачје, а законот за постапување со бесправно изградени објекти дозволува легализација само на објекти изградени до 3.3.2011? Инаку, за да легализираш дивоградба, потребен е доказ за приклучок на комунална инфраструктура и/или сметки за јавни услуги (струја, вода итн.), а доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци, изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправниот објект е изграден пред 3.3.2011, велат од иницијативата „Независни за Карпош“. 

Тие порачаа дека ско сопственикот има поднесено изјава дека објектот е изграден пред 3.3.2011, ќе одговара кривично, а независните советнички ќе бараат официјален одговор од општината за овој случај, дали е легализирана градбата, врз основа на што, па врз основа на добиените одговори, ќе бараат соодветна одговорност и постапување.