Нема да се менува цената на струјата и на природниот гас

Министерството за финансии, заедно со Царинска управа, уште од 2015 година работи на нов Закон за акцизи, како дел од процесот на усогласување со ЕУ директивите.

Во рамки на тој закон, се предвидува сите енергенти да станат акцизни стоки, вклучувајќи ги и електричната енергија, природниот гас, јагленот, коксот и лигнитот. Со тоа, ќе се овозможи следење на прометот на овие производи, но нивната акциза ќе биде 0 (нула) денари. Тоа значи дека нема да има никаква промена на цената на електричната енергија, природниот гас, јагленот, коксот и лигнитот, поради новиот Закон за акцизи.

Во рамки на процесот на подготвување на новиот Закон, Царинската управа организира средби со сите засегнати страни, во склоп на што е и закажаната средба со фирмите кои се во бизнисот со енергенси.

Истовремено, демантираме дека со новиот Закон за акцизи Министерството за финансии ќе добие ексклузивно право да ги утврдува висините на акцизните давачки. Висината на акцизите ќе остане во надлежност на Собранието на Република Македонија.

Законот за акцизи во транспарентнa постапка ќе биде предмет на јавна расправа до негово усвојување од страна на Собранието.