Настанала за време на турското владеење: Белим-бег во оваа скопска населба произведувал барут

Илинден е сместено во средишниот дел на Скопската Котлина, односно во средишниот дел на областа Блатија на допирод помеѓу две зони на почви, влажни под селото и суви над селото. Населбата е рамничарска, расположена на 245 метри надморска височина и од градот Скопје е оддалечена 10 километри во источен правец.

Веднаш крај Илинден поминуваат автопатот „Пријателство“ кој е дел од меѓународниот патен правец Е-75 и коридорот 10, а исто така и железничката пруга кон Куманово и Белград дел од истиот паневропски сообраќаен коридор. Населбата има разбиен тип, а поради големиот број на население и доселеници, како и спојувањето со соседното место Марино, таа има се повеќе урбани каркатеристики и важи за градска населба.

На југ од Илинден води патниот правец на кој се наоѓа Јурумлери и води кон Драчево, на североисток се Ајватовци и Бунарџик, на северозапад е Арачиново, на исток и југоисток од Илинден се наоѓа Марино низ кој водат 2 локални патни правци кон Кадино и Мралино и кон Миладиновци, на запад е градот Скопје со населбите Хиподром и Маџари.

Покрај селото Илинден, некогашно Белимбегово, се до заминувањето на турските власти, на месноста Маркова Колепка се познавале стар гробови, кои не припаѓале на населението, кое пак врз основа на нивното постоење имало предание дека на местото на денешното село постоело друго село кое подоцна било уништено.

Денешната населба настанала за време на турското владеење, кога на ова место бил основан чифлик од страна на некој си Белим-бег кој се грижел и за производството на барут во соседното Јурумлери, а по кого селото го добило и името. Во месноста Требоши, на 1 километар јужно од селото селаните често откопувале ќерамиди, ќупчиња, јазови, бунари и остатоци од мостови, при што постоело преданието дека некогаш таму постоело посебно чифлигарско македонско христијанско село, кое било заграбено и раселено од белимбеговските чифликсајбии, при што дел од населението преминало во Белимегово, а остантиот дел се раселил на разни места. До крајот на турското владеење во Белимбегово постоеле 7 чифлици на скопски бегови и сите македонски семејства, освен родот Аџиовци кои имале своја земја, работеле како чифчии и момоци.

Од чифлигарството жителите Македонци започнале да се ослободуваат со аграрната реформа во 1927 година и со подоцнежната во 1946 година, кога започнале да добиваат и откупуваат земја во свој посед. Во 1928 година во селото се доселило семејството Калкус (три брата) од Чешка, кои за кратко време створиле посед простран од 150 до 200 хектари, кој по Втората светска војна било одземено и национализирано за основање на земјоделското стопанство.

По Првата светска војна во Белимбегово масовно почнале да се доселуваат Македонци од селата на Скопска Црна Гора, при што тие го основале Плац Маалото. Вториот голем бран на доселувања, започнал кон крајот на шеесетите години на ХХ век, кога во Илинден се доселиле голем број на Македонци од селата во околината на Крива Паланка. Се до 1996 населбата Илинден припаѓала во рамките на скопската градска општина Гази Баба, по што била основана истоимена општина со седиште во оваа населба.