Наскоро ќе се исплатат парите за учениците од ранливите семејства, за тие кои не аплицирале има нов повик

За неколку дена започува исплатата на финансиска поддршка за учениците од семејства со месечни примања до 50.000 денари кои аплицирале за помошта минатиот месец.

Ќе се исплаќаат по 1.200 денари за основците и 1.800 денари за средношколците.

Во меѓувреме, Министерството за образование објави нов повик за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта, на кој можат да се пријават сите ученици кои ги исполнуваат условите, а не се пријавиле на првиот повик од декември, лани.

Рокот за пријавување е продолжен поради зимскиот распуст и трае од 5 до 16 јануари 2024 година.

Јавниот повик е достапен на следниот линк.

Основците и средношколците што се пријавиле на првиот повик минатиот месец, не треба повторно да конкурираат.

На оваа тема утринава се огласија од СДСМ.

„СДСМ се грижи за зголемување на ученичкиот и студентскиот стандард, за основците, средношколците, студентите од ранливи семејства и за нивната социјална сигурност, со дополнителна финансиска поддршка во рамките на 9-тиот пакет антикризни мерки. Во наредните 6 месеци 35.000 ученици од средно училиште месечно добиваат по 1.800 денари, односно вкупно 10.800 денари до завршување на училишната година Учениците од основното образование, во наредните 6 месеци добиваат по 1.200 денари месечно. Тоа се вкупно 7.200 денари до завршување на училишната година за ученик а опфатени се 70.000 ученици од основно училиште. СДСМ во услови на продолжени ефекти од енергетската криза и зголемени трошоци им помага на учениците и на нивните семејства“, велат од владејачката партија.

За оваа мерка од буџетот ќе бидат издвоени 14,3 милиони евра.