Најубавата дефиниција за бракот

Сер Мајкл Кејн, освен по неговиот талент, познат е и по неговиот долговечен брак, кој е еден од најдолгите во историјата на Холивуд.

Мајкл Кејн (84) е во брак со Шакира Кејн (70) од 1973 година и открил дека тајната за брачната среќа лежи во просторот кој го имате само за себе.

Пред две години рекол: „Во брак сум 45 години. Ќе ја искористам реченицата на Гручо Маркс кој рекол: „Изгледа како да беше вчера, а знаеш колку лош ден беше вчера“. Тоа не е мојот случај. Мојот брак е феноменален. Тајната на успешниот брак е во два тоалети. Никогаш не сакаш да го делиш тоалетот со жена ти или да завршиш во некој агол во кој стојат твоите работи за бричење и слично. Јас сум постар од неа и ми треба повеќе простор.“

Освен ова, Кејн рекол дека мажот мора да ѝ кажува сѐ на жената и не смее да живее паралелен живот:

„Станувате еднакви партнери. Мојата жена и јас сме еднакви во сѐ. Не постои некаква глупост од типот „мала жена е омажена за голема филмска ѕвезда. Мојата жена води бизнис и во тоа сме рамноправни партнери, таа работи толку многу работи зад камерата, а јас пред неа. И двете работи се подеднакво важни. И таа со мене оди насекаде, затоа што ако одиш сам, почнуваш да стекнуваш свои пријатели кои другата страна не ги познава, а така почнува паралелниот живот. А како што знаеме сите за паралелните линии, барем она што нѐ учеле кога сме учеле геометрија, тие две линии никогаш не се сретнуваат. Тоа е најважниот дел – не смеете да водите паралелни животи. Морате да ја вклучувате сопругата во сѐ.“

Тој и неговата сопруга имаат две ќерки.

Познатиот глумец рекол дека според него, вистински маж е оној кој се грижи за другите луѓе.