Најмногу македонски ајвар јадат Србите и Хрватите

Извозот на ајвар од Македонија минатата година достигна 18,4 милиони евра, што е годишен раст од 4,3 % во споредба со претходната година.

Во споредба пак со периодот од пред пет години кога Македонија извезла ајвар во вредност од 12,4 милиони евра, извозот е зголемен за 48% или за шест милиони евра, пишува „Капитал„.
Иако извозот на ајвар постојано расте во изминатите години, благодарение на напорите на конзервните компании од преработувачката индустрија за наоѓање на нови пазари, вредноста на вкупниот извоз е се уште многу малаво апсолутен износ.

Најмногу ајвар лани е продаден во земјите од поранешна Југославија, како и во земјите со голема македонска дијаспора како Австралија и САД.

Најголеми извозни пазари за македонскиот ајвар лани биле Хрватска и Србија, каде лани е направен извоз вреден 3,1 милиони евра, односно 2,6 милиони евра.

Следува Босна и Херцеговина каде ланскиот извоз на ајвар достигнува 1,98 милиони евра, Германија каде биле извезени 1,4 милиони евра, САД и Австралија со извоз по 1,3 милиони евра.