Повеќе од 20% невработени, а секојдневно над 6.000 слободни работни места кои нема кој да ги пополни

Околу 200.000 невработени, а повеќе од 6.000 активни огласи за вработување, покажуваат статистичките податоци. Работодавачите се жалат на недостиг од кадар, а невработените не сакаат да работат за минимална плата.

Според познавачите на пазарот на труд, постојат неколку фактори што придонесуваат бројката на огласи за работа постојано да е голема. Речиси половина, односно 45% од слободните работни места се во услужни дејности и продажба, како и елементарни занимања. Експертите велат дека овие работни позиции тешко се пополнуваат бидејќи платите претежно се колку минималниот, или нешто над тој износ. Младите не се решаваат да се запишат во средните стручни училишта од истата причина, платите не се атрактивни за нив. Од друга страна, во одредени сектори, како што е текстилната индустрија, работодавачите велат дека немаат услови да ги зголемат платите.

Спротивно на оваа, на пример, е ситуацијата во ИТ секторот. И таму има недостиг од кадар и покрај тоа што таа индустрија е меѓу најбрзорастечките, а платите се атрактивни и постојано растат. Статистиката покажува дека просечната нето плата за компјутерско програмирање, на пример, лани во споредба со претходната година пораснала за 12,4% и во декември изнесувала 75.546 денари. И покрај тоа, во секторот има повеќе од 300 слободни работни места. Познавачите сметаат дека една од причините за ваквата состојба на пазарот на труд е тоа што образовниот систем не произведува доволно стручен кадар, односно теоријата не е поткрепена со практична настава за да креира квалитетни кадри.

Податоците покажуваат дека на крајот од минатата година активни биле дури 674 огласи за вработување на стручњаци и научници, а единствено кај воените занимања нема слободно работно место.