МВР го потврди нападот на Никола Саздовски - Саздо: Поднесена кривична пријава против три лица, за две лица определен притвор

Пред неколку дена во скопската населба Автокоманда крвнички бил претепан Никола Саздовски - Саздо член на навивачка група „Комити“.  Утрово побаравме став од Министерството за внатрешни работи околу нападот на младиот Никола кој се бори за живот на скопските клиники. Од МВР го потврдија настанот и информираат дека поднесени се кривични пријави против три лица, а за две од нив определен е мерка притвор.

На 29.06.2018 година во времето од 17,30 до 17,40 часот во Скопје на автобуската постојка на булевар „Александар Македонски“, од страна на три непознати машки лица (кои излегле од патничко моторно возило „Мерцедес“) физички бил нападнат Н.С.(21) од Скопје. По физичкиот напад лицата со возилото го напуштиле местото на настанот. Н.С. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Комплекс клиники "Мајка Тереза". По преземени мерки, две лица се приведени во Полициска станица Кисела Вода поради сомнение дека се можни сторители на кривичното дело. Се работи на целосно расчистување на настанот по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се вели во информацијата од МВР.

Во одговорот доставен до Скопје Инфо се вели дека секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје за сторено кривично дело „насилство“.

По преземени мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот биле лишени од слобода и одредена им е мерка притвор, додаваат тие.