МОСТ: Член на Избирачки одбор во Кисела Вода ги нарекувал гласачите предавници

Според податоците на „Мост“ до 18 часот одѕивот на гласачи е 33 отсто. Набљудувачите на „Мост’“ забележале повеќе нерегуларности во текот на гласачкиот процес.

На гласачкото место 2666 во општина Кисела Вода член на Избирачкиот одбор на глас ги читал имињата на гласачите што гласале, ги повикувал другите да не доаѓаат да гласаат и ги нарекувал предавници.

Набљудувачите и регионалните координатори на „Мост“на гласачко место 1961 во општина Тетово регистрирале 10 случаи на некористење на УВ ламбата, при што Избирачкиот одбор не реагирал на ваквата појава.

Потоа, на растојание помало од 100 метри пред гласачко место 2484 во општина Гази Баба отворен е промотивен штаб „ЗА“.

На гласачкото место 2457 во село Радуша, општина Сарај, набљудувач се мешал во работата на Избирачкиот одбор при што оттаму повикале полиција. Направен бил записник, а гласањето било прекинато во период од 40 минути.

На гласачкото место 1863/1 во село Мислешево, општина Струга, гласач во кутијата пуштил празен лист хартија, а гласачкото ливче успеал да го изнесе надвор од избирачкото место. Била повикана полиција која го идентификувала лицето.

На гласачкото место 1883/1 во село Октиси, општина Струга Избирачкиот обор ги отстранил сите набљудувачи од гласачкото место со изговор дека немале валидни акредитации од ДИК, иако до 17 часот непречено го следеле процесот на гласање.

Од „Мост“ информираат дека ќе известат за резултатите  и рапсределбата на гласовите веднаш по пребројувањето и сумирањето на гласовите на избирачките места.