МОСТ: Гласањето се одвива без проблеми, со помали технички неправилности

Гласањето до 14 часот се одвивало без проблеми, со помали технички неправилности, соопштија од МОСТ. Од набљудувачите и регионалните координатори на МОСТ добиени и потврдени биле неколку информации за текот на гласањето.

„На гласачкото место 1238 во општина Демир Капија, на гласач му било дозволено да гласа без да биде проверен во Избирачкиот список. Повикана била ОИК, по што е направен записник во кој е костатирано дека ќе има повеќе ливчиња од потписи во списокот. На гласачкото место 1204, село Пуста Река во општина Крушево, на 8 гласачи им било дозволено да гласаат без да се потпишат во Избирачкиот список. Грешката е увидена од страна на ИО, направен е записник за случајот, повикана е ОИК, а гласањето продолжило“, се наведува во соопштението на МОСТ.

Проблем имало и во општина Чаир, во соопштението на МСОТ се наведува дека 8 гласачи не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список, иако тврделе дека се регистрирани во електронската форма на ИС. Сличен проблем имало и на гласачкото место 2680 во општина Аеродром, каде тројца гласачи не можеле да се пронајдат ниту во изводот од Избирачкиот список, ниту на веб-страницата.

На гласачкото место 2232, село Голозинци во општина Чашка, избирачкиот одбор не удрил печат на 4 гласачки ливчиња, ОИК дала инструкција случајот да се внесе во записник. Понатаму додаваат од МОСТ дека избирачкиот одбор, на гласачкото место 0404 во село Чајле во општина Гостивар, откинал 33 ливчиња од кочанот заедно со серискиот број, по ова направен бил записник за случајот.