Министерство за правда: Исклучива надлежност за постапување по основа на застареност на предмет кај извршител има судот

Министерството за правда реагира на протестот „Стоп за извршителите“ што се одржа денеска пред зградата на Министерството, а со кој граѓаните на мирен протест побараа извршителите да ги почитуваат законските измени со кои долговите застаруваат.

Министерството за правда во денешното соопштение нагласува дека нема законски надлежности да дава автентично толкување на законските норми што, како што наведуваат, е во исклучива надлежност на Собранието на Република Северна Македонија.

„Министерството за правда ве информира дека исклучива надлежност за постапување по основа на застареност на предмет кај извршител има судот во соодветна постапка. Правниот институт -застарување, роковите, прекинот и начинот на утврдување, се регулирани со бројни одредби од Законот за облигациони односи (член 349-382) и истиот не се применува автоматски, туку се утврдува во судска постапка на предлог на должникот“, стои во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму посочуваат дека извршителот е должен да постапува по барањето на доверителот и притоа не е овластен да носи никакви процедурални одлуки во однос на текот на извршувањето, што е во исклучива надлежност на судот.

Повеќе граѓани денеска поднесоа писмени барања до Министерот за правда, Кренар Лога, за примена на измените од Законот за облигациони односи кои се однесуваат на застарувањето на долгови.

Според нив, не се применуваат измените во Законот за облигациони односи од страната на извршителите, кои се однесуваат на застарувањето на долгови и покрај тоа што беа изгласани од Собранието и објавени во службен весник пред повеќе од седум месеци, како и покрај потврдата за уставноста на законот од Уставниот суд во јануари 2024 и одлуката на Законодавно правната комисија во Собранието дека не е потребно автентично толкување на законот.