Мицкоски: Доста со понижувања, Грција да покаже што постигнала!

Преспанскиот договор е дел од македонските закони и македонскиот Устав и тука нема никаква дилема. Секој што е дел од институциите треба да ги почитува. Како човек што ќе ја предводи владата обврзан сум да ги почитувам законите и Уставот, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и нов мандатар, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето дали стравува од влошување на односите со Грција и други земји од меѓународната заедница поради ставот за употребата на името на државата.

„Зошто би стравувал, ерга омнес ние го користиме. Очекувам да градиме добрососедски односи на принципиелна, конструктивна основа. Добрососедски односи, кои одговараат на 21 век. Немам намера талибански да се однесувам ниту, пак, очекувам некој така да се однесува. Моето човеково загарантирано право е право што е над сите права. Додека ја вршам оваа функција претседател на влада, сè што е поврзано со нашиот правен систем, уставниот поредок ќе го почитувам до последната точка и запирка. Луѓето што ме познаваат знаат дека така лесно не се изненадувам. Ајде да видиме што тие направија во овие шест години. Ајде да видиме што правеа во минатото, што требаше ние да добиеме. Кога во минатото се менуваше знамето, кога се менуваа банкнотите, кога се користеше понижувачкото име. Подготвен сум да зборувам за сè. Кај мене нема да видите да ја повторувам придавката како папагал, а зад завесата да живеам како деспот. Ако некој мисли дека може на сила нешто да ми одземе, тогаш треба да мисли и на чекорот потоа. А тоа е дека со сила работите во 21 век не се решаваат. Но, немаме намера да бидеме подлизурковци, да се понижуваме самите себе“, истакна новиот мандатар.

Нагласи дека јавноста треба повеќе да се насочи кон анализа на она што Грција го има почитувано и спроведено од договорот и дека нема да водиме провокативна офанзивна политика, туку сакаме да градиме мостови, а соседите мора да се почитуваат.