На вториот ден од кампањата денеска во Мичурин ги најавив проектите во мојата четиригодишна програма за најстарата населба во Општина Аеродром.
Еден од покрупните проекти е продолжување на проектот за промена на дотраените и оштетени фасади, кој го почнавме минатата година и која планираме да го продолжиме сè додека не се променат фасадите на сите оштетени згради во Мичурин.
Како и досега и во претстојниот период ќе останеме фокусирани на подобрување на условите за образование, така што ќе ги реконструираме санитариите во ОУ Блаже Конески, фудбалското и кошаркарското игралиште во ова училиште, а пред влезот ќе поставиме хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација за поголема безбедност на децата.
Исто така, хортикултурно ќе го уредиме паркот во кој се наоѓаме сега со автоматски систем за полевање и летниковци, а ќе насадиме и трева, ќе го оградиме кошаркарското игралиште и ќе поставиме клупи и корпи за отпадоци.
Во однос на инфраструктурата предвидени се нови пешачки патеки од бекатон плочки, реконструкција на сите оштетени улици, изградба на нови паркиралишта и тротоари, како и поставување на нови линии за јавно осветлување.