Стереотипите за „машките“ и „женските“ работи сѐ почесто се рушат и на сцена настапуваат практичноста и заемното разбирање.

Кога на свет доаѓа бебе, вообичаено мајката, откако ќе се породи, останува дома на породилното отсуство за да се грижи за новороденчето. Меѓутоа, доколку таа од различни причини не го користи ова право, тоа може да го стори таткото.

Сашко е вработен во една приватна скопска фирма, го направи овој чекор и како што вели, иако на моменти се чувствува необично, секој ден му е исполнет и убав.

– Сопругата доби шанса за работно место за кое сметавме дека не треба да го пропушти. Па така по долги разговори како што да правиме се решив на овој чекор. Ема е преслатко бебе, сега има 7 месеци, се будиме наутро во седум часот. Мајка ѝ ја дои и почнува да се подготвува за на работа. Ни остава млеко за да имаме во текот на денот. По млекото излегуваме да се прошетаме и да пазариме. И потоа почнува забавата. Подготвувам кашичка јадеме и легнуваме да спиеме. Потоа подготвувам ручек, па се храниме. Интересно е, ден кога се спојуваат таткото и ќерката. На овој начин јас се поврзувам со неа – раскажува Сашко.

Ниту еден татко нема да ја изгуби својата машкост ако прифати да не ја следи традицијата која вели дека тоа е исклучиво женска работа. Треба да се подготви за неверувањето од колегите на неговото работно место, за шегите на негова сметка и можни омаловажувања. И жените често за време на бременоста и потоа се соочуваат со вакви моменти, така што мажите не се исклучок.

Кога јавно соопштил за својата одлука, Сашко не поминал лесно. Задевањата од страна на колегите и на пријателите биле составен дел од неговото секојдневие.

– На почетокот чувствував страв, се прашував како ќе реагираат другите, како јас ќе се снајдам. Се разбира дека имаше и многубројни шеги на моја сметка од колегите на работа. Ми велеа: „Еве го тој што ќе менува пелени“, .... Кога ќе сакав нешто да кажам, на шега ме прекинуваа: „Ти нема што да кажеш“, обајснува тој.

Според податоците најмногу од татковците што менуваат пелени се од Скопје. Следуваат Битола со шест мажи на породилно, Охрид со тројца, по двајца татковци на породилно има во Радовиш и во Велес и по еден во Демир Хисар, Тетово, Струмица и во Кочани.

Најчесто породилно боледување користат мажи кои одлучиле да седат дома од финансиски причини - односно нивната сопруга заработува повеќе од нив. Има и такви што остануваат дома да чуваат бебе ако мајката е болна или ако починала.

Иако, според закон, таткото може да ја менува мајката на породилно отсуство, оваа тема во Македонија уште е табу, за разлика од развиените држави каде што татко на породилно отсуство е вообичаена слика.

Според законските одредби, родилката не смее да се врати на работа во рок пократок од 45 дена по породувањето. Ако по тој рок почне да работи, има право на платена пауза за доење во траење од 1,5 час дневно, во кое време се пресметува и дневната пауза. Мајката го има тоа право додека детето наполни една година. Исто така, работодавецот за време на нејзината бременост е должен да ја распредели на друго работно место доколку постојното може да биде ризично за нејзиното здравје.