Метеролозите најавуваат невреме, а надлежните од ЦУК апелираат на внимателност

Управата за хидрометеролошки работи информира дека до недела времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град. Температурите ќе бидат во постепено опаѓање и под просекот за овој период од годината.

Центарот за управување со кризи упати предупредување за поголема внимателност по најавите од УХМР дека до крајот на неделава се очекува нестабилно време и повремен пороен дожд.

– Интензивните врнежи од дожд можат да предизвикаат локални проблеми во дел од урбаните средини, како и да доведат до брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците. Предупредуваме на претпазливо движење покрај помалите реки и суводолиците во текот на наредните денови (до недела), апелираат од ЦУК.