Mеѓународниот коњички турнир „Скопје 2018“

Федерацијата за коњички спортови на Република Македонија претстојниот викенд ќе го организира меѓународниот коњички турнир „Скопје 2018“. Учество ќе земаат гости и натпреварувачи од Македонија, Албанија, Бугарија и Србија.

За прв пат турнирот се одржа во 2003 година и оттогаш традиционално се организира секоја година во чест на празникот 11 Октомври.

- Од оваа година се воведува и Меморијален куп “д-р. Јосиф Наумовски”, натпревар во чест на доајенот на коњичкиот спорт на Република Македонија, познат интернист-кардиолог и хуманист – др. Јосиф Наумовски, соопшти организаторот.

Коњичкиот турнир „Скопје 2018“ ќе се одржи на 13 и 14 октомври, на терените на коњичкиот центар „Хиподром“ од 10 до 15 часот.