Матка добива нов лик - сега местото ќе биде побезбедно

Подобрувањето на условите и на достапноста за посетителите на природната убавина на Матка е еден од главните приоритети во програмата „За модерно Скопје“. Со цел зголемување на пристапноста до убавините на Кањонот Матка, Градот Скопје започна со санација на пешачките патеки, информираше вчера градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

- Кањонот Матка е една од најубавите и најпосетуваните туристички атракции во Македонија, затоа го подобруваме системот за одржување кој бил запоставен со децении, бидејќи е клучно за посетителите на оваа природна убавина. Град Скопје започна со санацијата на патеките на Матка, првата од Манастирот Свети Андреа до Висок Рид, наспроти пештерата Врело, и втората од пештерата Врело до пештерата Убава. Со санациите се овозможува подобар пристап до природните убавини, како и поголема безбедност за сите посетители на Матка, појаснува таа. 

По целата должина на патеките ќе се изврши санација на постојната заштитна ограда, ќе се постави сајла на карпите во тесно достапните делови, целосно ќе се санираат оштетените подни делови и уреди вегетацијата, а на одредени локации ќе се изврши замена на оштетените бетонски блокови.

Санацијата ја изведуваат јавните претпријатија Улици и патишта и Паркови и зеленило, кои минатиот месец по години негрижа, целосно ја обновија урбаната опрема кај Црква „Св. Андреја“ на Матка.